Како да го поставите вашиот нов телефон со Android

Подгответе се да поставите еден целосно нов телефон со Android, или половен телефон со Android што бил ресетиран.

Научете како да го поврзете новиот телефон со Android на домашната Wi–Fi мрежа, да поставите заштита со лозинка, да создадете ИД на Google, да се подготвите да вршите говорни повици и да го користите интернетот.

Пред да почнете

Телефони со Android

Паметниот телефон со Android што се употребува во презентациите во овој курс можеби не е ист со телефонот што го имате, но менијата и чекорите би требало да бидат слични.

Пред да почнете, проверете дека имате:

  • пакет за мобилен телефон (mobile plan) од мобилен оператор (service provider)
  • СИМ-картичка (SIM) вметната во телефонот со Android
  • име и лозинка на домашната Wi-Fi мрежа (home Wi-Fi name and password).

Како функционира поставувањето

Кога го вклучувате телефонот, би требало да видите Поздравен екран (Welcome screen) и опција да го изберете вашиот јазик. Ова значи дека телефонот е подготвен за поставување.

За време на постапката за поставување, телефонот прикажува различни екрани кои ви бараат да направите различни нешта, на пример, како да изберете од список, да внесете информации или да допрете некое копче.

Следете ги упатствата на секој екран за да продолжите со поставувањето. Кога ќе се појави Почетниот екран (Home screen), поставувањето е завршено.

Безбедно е да ги внесете вашите лични податоци во телефонот, како на пример, дека живеете во Австралија, да ја внесете вашата лозинка и други нешта.

Еден вообичаен редослед на поставување

Секој вид телефон со Android има сопствена поставка за поставување, па редоследот на екрани што ги гледате на телефонот може да биде различен од оној што се прикажува тука. Општо земено, редоследот ќе личи на она што наведуваме подолу.

  1. Изберете го јазикот (language) на телефонот што ќе го користите на екраните, како на пример англиски (Австралија).
  2. Допрете го копчето Старт (Start).
  3. Согласете се (Agree) со Условите и одредбите (Terms and conditions), коишто често се нарекуваат Договор за лиценца на краен корисник (End User License Agreement) и прочитајте ја Политиката за приватност (Privacy Policy).
  4. Разгледајте го списокот со апликации што се вклучуваат (included apps) и изберете дали сакате да им дадете дозвола да пристапат до вашите податоци.
  5. Поврзете го телефонот со домашната Wi-Fi мрежа (home Wi-Fi), така што ќе го изберете името на домашната Wi-Fi мрежа (home Wi-Fi network name) од списокот и ќе ја внесете лозинката на Wi-Fi мрежа (Wi-Fi password).
  6. Телефонот ќе ве запраша дали сакате да ги ископирате (copy) апликациите и податоците од стариот телефон (на пример, од оној што сакате да го замените). Можете да го Прескокнете (Skip) овој чекор.
  7. Најавете се (Sign in) со сметката Google (Google account) или создадете нова сметка Google сега.
  8. Ако изберете да создадете нова сметка (create a new account), телефонот ќе покаже упатства што треба да ги следите и можете да изберете корисничко име (username) и да создадете силна лозинка (strong password).
  9. За да ја користите постоечката сметка на Google (Google Account), едноставно внесете ја адресата на Gmail и лозинката (Gmail address and password).
  10. Услугите на Google (Google Services) може да покажуваат неколку опции и сега можете да изберете да ги прифатите или одбиете тие услуги засега.
  11. Можете да поставите лозинка (password), ПИН (PIN) или биометрија (biometric) за да го заклучите телефонот.
  12. Во зависност од моделот на телефон со Android што го имате, можеби ќе можете да го користите отпечатокот од вашиот прст (fingerprint) или лицето (face), како и ПИН (PIN).
  13. Ако користите лозинка, треба да бидете сигурни дека се разликува од лозинката за сметката на Google (Google Account password) (онаа што ја користите за да се најавите на Gmail).
  14. Сега, телефонот може да прикажува информации за Google Assistant и како да ја користите со вашиот телефон. Можете да го Прескокнете (Skip) ова и да го поставите подоцна или да ги следите екраните.
  15. Можеби ќе видите список со бесплатни апликации (free apps) кои ги нуди производителот на вашиот телефон. Можете да изберете која од овие апликации би сакале да ја инсталирате сега.
  16. Во зависност од брендот на телефонот, можеби да добиете покана да создадете бесплатна сметка (create a free account) за да пристапите до дополнителни одлики. Можете да го прескокнете (Skip) ова и да го поставите подоцна или да ги следите упатствата.
  17. Вашиот телефон може да покаже дополнителни екрани со совети или информации. Допрете или поминете со прстот сѐ додека не го видите копчето Заврши (Finish).
  18. Откако ќе допрете на Заврши (Finish), ќе се појави Почетниот екран (Home Screen) и вашиот телефон е подготвен за користење.

Како да ги проверите мрежните врски

За да проверите дали вашиот телефон има сигнал на Wi-Fi или мобилна мрежа, погледнете во горниот десен дел на екранот.

  1. Белиот знак за Wi-Fi мрежа (white Wi-Fi symbol) значи дека Wi-Fi мрежата има врска.
  2. Знакот LTE 4G или 5G значи дека сте поврзани на мобилната мрежа за говорни повици и интернет.

Ако се прикажуваат двата знаци, вашиот телефон е поврзан со Wi-Fi мрежа и мобилната мрежа е поврзана и подготвена за користење!